Храбрата Македонија освои голем бод против големата Хрватска!

Младинската репрезентација на Македонија одигра реми, 24-24 со Хрватска во второто коло од Европското првенство во Словенија. Иако нашите ракометари губеа и со седум гола во вториот дел, сепак успеаја да одиграат херојски, да направат камбек и да бидат во игра дури и за победа. Сепак и еден голем, огромен бод против фаворизираната селекција на Хрватска ќе ни значи многу во битката за главнта рунда.

Нашите ракометари диктираа темпо и имаа контрола над резултатот, водеа најчесто со плус два, а помогнати од голманот Брестовац кој не дозволи во еден момент Хрватска да израмни при 6-5. Но беа исклучени Шулески и Димевски, па Македонија мораше со двајца помалку на терен. Во таква ситуација Хрватска се врати во егал и израмни на 8-8, но казни Узунчев едно невнимание на ривалот и Македонија се врати во водство.

Потоа следуваа две промашувања на нашите ракометари и противниците направија пресврт, 10-9. Беше очигледен падот на македонскиот ритам, Хрватска се одлепи на плус два, 12-10, па Стојановиќ мораше да реагира со тајм-аут на пет минути до одморот.

Македонија до крајот не погоди ниту еднаш во хрватскиот гол, постот траеше девет минути, а противниците си ги реализираа своите шанси, добија и пенал по истекот на времето, па на пауза водеа со 15-10. Најмногу проблеми ни правеше десното крило Ткалец кој даде пет гола.

Нашите младинци го отворија вторито дел со погодок, но нападот во продолжение не беше на ниво и Хрватска се одлепи на плус седум, 18-11, најмногу по заслуга на голманот Херцег, кој одбрани три пати и плус му фати пенал на Калајџиески.

Галевски во три наврати ги спречи Хрватите во зицер ситуации, а на спротивната страна погодуваа Узунчев и Шулески за 19-15. Со играч повеќе ривалот не реализираше два напади, Македонија одново заигра како што треба, постигнавме два гола во серија за 19-17, па хрватскиот селектор Дворшек мораше да бара тајм-аут.

Хрватите беа во проблеми, уште два пати погрешија по тајм-аутот. Нападот со Митев и Шулески доби поинаков изглед, на линијата влезе Михајловиќ и тоа резултатираше со два гол по ред за 19-19. Имавме и напад за водство, но Митев не реализираше, но ни се реваншираа и противници. Стојановиќ во вистински момент побара минута одмор, а водство на Македонија и донесе Стојановски на десет минути до крајот на мечот.

Хрватите го прекинаа постот од десет минути без гол и израмнија преку Молц на 20-20. Беше и 22-22, Македонија имаше напад, но Херцег еднаш го запре Митев, потоа одбиената топка дојде кај Карасманакис, кој исто така не успеа да погоди.

Брестовац имаше две одбрани по ред, но не реализиравме за водство и казната стигна преку Молц за 24-23 на две минути до крајот. Узунчев израмни и во последните 60 секунди се влезе со реми. Хрватите не успеаја да организираат добар напад и останаа уште шест секунди за македонски напад. Ривалот направи фаул набрзина и не упативме шут кон голот, па мечот заврши со поделба на бодовите.

Сега ни останува битката со Австрија, со која ќе се бориме за првото место во групата што може да не однесе во ТОП 8 во Европа. Најдобри стрелци во нашиот состав беа Шулески и Узунчев со по шест гола, а голманите Галевски и Брестовац комбинираа 11 одбрани.