„Дури и во најголемите фантазии не можев да замислам дека повторно ќе играм ракомет“
Норвежанката Камилa Херем (38), легендарното крило на екипата на Сола и на норвешката репрезентација се врати на тренинзите и покрај тоа што продолжува со борбата против ракот на дојка.
Двократната олимписка шампионка, трикратна светска и шесткратна европска шампионка, во моментов е на хемотерапија, но телото добро реагира на напорите и тоа и овозможува постепено враќање во ритамот.
„Не мислев дека ќе зборувам за подготвеност за почеток на нова сезона. Дури и во најсмелите свои фантазии пред два месеца не можев да замислам дека ќе играм повторно ракомет. Сето тоа зависи од реакцијата на организмот, а засега моето тело одлично реагира на тренинзите,“ изјави Херем за норвешката ТВ2.
Очекувањата се дека таа ќе може да и помогне на својата екипа уште во првото коло од новата сезона, која стартува на 31 август.
Камила Херем играше и за екипата на ЖРК Вардар една сезона, но брзо реши да се врати дома во Норвешка.