Репрезентацијата на Холандија со победата над еден од домаќините на ЕП – Швајцарија од 37:29 остана во игра за пласман во полуфиналето на континенталниот собир.
Холанѓанките во досегашниот тек од групната фаза имаат една победа и еден пораз, оној од Норвешка, па така во последното коло против Данска, која денес игра со Словенија, ќе се обидат да дојдат до победа и до пласман меѓу најдобрите четири европски репрезентации.
За Швајцарија останува натпреварот против Норвешка и сосема очекувано е дека актуелниот бранител на златото нема да си дозволи премногу луксуз на тој дуел, па така Швајцарките ќе се борат на достоинствен начин да го завршат настапот пред својата публика.
Швајцарија на моменти парираше, но Холандија многу рано во натпреварот дојде до сериозна предност, во 10-та минута поведе со 10:5, лесно знаеше како да дојде до реализација и на полувреме замина со предност од 24:17.
Вториот дел повеќе беше формалност и шанса за домаќинот да ја поправи играта и да ги корегира грешките. Светскиот првак од 2019 на моменти знаеше да се опушти, им дозволуваше на домаќинките да намалат на пет-шет разлика, но во финишот одработи според планираното и без проблем ја запиша втората победа во групната фаза.