Хмирова: Целта на Атлетик е младите за година, две, три…да прераснат во врвни ракометарки

Тимот на Атлетик од летоска е освежување на женската ракометна сцена во Македонија. Со Татјана Хмирова како тренер и со играчки кадар составен од млади ракометарки кои се пионерски, кадетски, младински и сениорски репрезентативки, Атлетик имаше перфектна полусезона.

Клубот победи на 11 натпревари, а победите беа изразени просечно со 17 голови разлика (358:174) и нема дилеми дека Атлетик е најсилниот тим во прволигашката конкуренција.

Во Атлетик работат познати ракометни имиња (Стојков, Велковска, Пецаковски, Андрејева…), а предводничката Хмирова во разговорот за 24Ракомет открива како започна проектот.

„Идејата за формирање на клубот е на Горан и Ана Стојков. Нивната идеја ја трансформираа во клуб и тој почна да живее, за тоа се заслужни само тие. Мината година пролетта ми се јавија, ми раскажаа дека сакаат да создадат ракометен клуб каде што ме гледаат како главен тренер. Идејата беше да имаме во клубот девојки што го сакаат ракометот, што сакаат да тенираат и да напредуваат секој ден, а наша задача е да им го овозможиме тој процес на високо ниво, да обезбедиме добри услови, за сите да можат да бидат фокусирани само на ракомет“, вели Хмирова.

Русинката ја потенцира главната цел на Атлетик.

„Јас кариерата ја завршив во Грција, бев бремена со второто дете и не знаев што ќе правам по породувањето. Ми беше интересна и занимлива целата идеја – да ги растеме младите девојки година, две, три, пет…и да се формираат во врвни ракометарки“, продолжи Хмирова.

Во нејзината богата кариера во Динамо Волгоград, Вардар, Шиофок…Хмирова соработуваше со врвни тренерски имиња и вели дека од сите научила по нешто.

„Од сите преземав нешто, не можам да кажам дека имаше еден тренер од кој што научив најмногу. Сите тие оставија свој печат од мојот прв ден во ракометот. Ништо не е лесно во ракометот. Ниту да бидеш тренер, ниту да бидеш играч – се зависи од искуството“, вели Русинката која веќе долги години живее во Скопје.

Иако Атлетик е нов тим на македонската сцена, уште во првата сезона е на добар пат да ја обезбеди промоцијата во елитната конкуренција. Хмирова сепак не сака да се залетува со прогнозите и смета дека нема пад на квалитетот на ракометот.

„Се е можно, но ќе видиме како ќе биде наредната сезона. Би сакала прво да ја завршиме оваа сезона како што планираме. Не мислам дека има пад на квалитетот, туку се менува ракометот. Секоја година ракометот се забрзува како игра, па расте и бројот на грешките. Кој ќе ги намали техничките грешки, тој и ќе победува“, заврши Хмирова.

Сега има пауза во прволигашката конкуренција кај дамите, а Атлетик ќе стартува во пролетниот дел на 14 февруари против Овче Поле СУ.