Херојски пресврт на Деспина, Спартак ја доби драмата со Пелистер, Ѓорче 2 убедлив

Деспина на домашен терен прослави драматична победа над Стружанка со 29-28, иако губеше со 28-25, како и на полувремето со 13-12. Избраничките на Адријано Котевски со херојски пресврт успеаја да го свртат мечот во своја корист и да се израдуваат на два бода.

Иако останаа без Цветкоска уште во првиот дел, кога доби директен црвен картон, сепак прилепчанки собраа сили за победа. Во последните пет минути не примија гол, а постигнаа четири преку Бундоска, Ристеска, Конеска и Цаневска за 29-28. Стружанка го имаше последниот напад, но не успеа да реализира за реми.

Најдобра во победничкиот тим беше Ристеска со осум гола, додека кај Стружанка се истакнаа Затуроска со шест и Раткушиноска со пет погодоци.

Ракометарките на Спартак славеа против Пелистер во интересен натпревар од 3 коло во плеј-аутот од Женската лига со 27-26.

Иако домашните водеа со плус четири, 24-20, во вториот дел, сепак упорните битолчанки се вратија во егал и го направија финишот интересен. Спартак постигна два гола по ред за 27-25, а во последната минута Пелистер само го намали резултатот на минус еден.

По девет гола за победничкиот тим имаа Марија Стојановска и Зорица Андовска, додека кај Пелистер се истакнаа Моника Босилковска со осум и Анастасија Дамјановска со седум погодоци.

Ѓорче Петров 2 славеше убедливо против Шампион со 33-23, откако и на паузата имаше плус пет, 14-9. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Кристина Наумовска со седум и Габриела Божиноска со шест гола, додека кај гостинките се истакна Мила Филипова со десет погодоци.

Женска лига, 3 коло, резултати:

Ѓорче Петров 2 – Шампион 33-23
Спартак – Пелистер 27-26
Деспина – Стружанка 29-28