Драчево Јуниор имаше плус три на 50 секунди до крајот на мечот кај Македонија Ѓорче Петров, 21-18, но упорните домаќини успеаја да стигнат до реми и бод, 21-21.
Најпрво Петров намали на 21-19, а потоа гостите не реализираа напад и казни Тотиќ за 21-20. Гостинскиот стратег побара тајм-аут, но нападот на Драчево Јуниор беше пасивен, имаше изнуден шут и буквално во последната секунда Тотиќ погоди за голема радост на домашните.
Гостите може да жалат што не го освоија целиот плен, бидејќи во текот на мечот водеа и со пет гола, но како одминуваше времето така „лавовите“ се враќаа во игра, а поголем дел од второто полувреме се играше израмнето.
Кај домашните по шест пати погодија Тотиќ и Чакалиќ, а кај гостите по пет пати стрелаа Лазаревски и Цветановски.
Сега Драчево Јуниор има 29 бодови на третото место, додека Македонија Ѓорче Петров е петта со 23 бода.

























