Хернандез сам ја победи Барса, Нант славеше во Загреб

Европскиот првак од сезона 2022/23, тимот на Магдебург, во натпревар од 9. коло од Лигата на шампионите против Барселона, со одличната игра во вториот дел, триумфираше со 28:23 (14:13).

За Магдебург ова беа два важни бода во ЛШ, сега германскиот тим останува во игра за едно од местата кои што водат во осминафиналето. Барселона која во досегашниот тек од сезоната имаше максимален ефект, го доживеа првиот пораз.

Иако Барселона имаше фуриозен старт, поведе со 10:5 кон средината на првиот дел, сепак, како се доближуваше полувремето, така домаќините се враќаа во игра. Магдебург во последните десет минути од првото полувреме заигра поангажирано, најпрво израмни на 12:12, потоа на полувреме замина со предност од 14:13.

Во вториот дел, до 50 минута, се играше гол за гол, а во последните десет минути гостите од Барса целосно капитулираа, дозволија домаќинот да има ефикасна игра и добра реализација, па така Магдебург од 22:22 замина на 27:22 и рутински го одработи финишот.

Омар Игни Магнусон со осум гола беше предводник во редовите на победничката екипа, седум додаде Мануел Зендер. Најзаслужен за победата беше голманот Сергеј Хернандез со дури 18 одбрани.

Загреб не успеа да свој терен да дојде до победа, беше поразен од Нант со три гола разлика, 25:22.

Во израмнет натпревар, во кој двете екипи имаа свои моменти, гостите од Франција подобро се снајдоа во клучните моменти и заслужено се радуваа на петти сезонски триумф.

Најефикасен кај Нант беше Николас Турна со седум гола, додека кај Загреб се истакна екс ракометарот на Вардар, Патрик Валчак, со шест гола.

За хрватскиот шампион ова беше седми пораз во европската елита. Загреб има само две победи во досегашниот тек од сезоната.