Хенигман: Со крената глава треба да гледаме кон иднината

Македонскиот првак Еурофарм Пелистер одигра храбро против европскиот шампион Магдебург, но не успеа да приреди сензација.

Левиот бек Ник Хенигман вели дека сите требда да бидат задоволни од прикажаното против еден од најдобрите светски тимови кој славеше со 31-26.

„Ова беше тежок натпревар за нас, но сметам дека можеме да бидеме горди. Сите играчи го дадоа максимумот на терен. Навивачите повторно беа фантастични и ни дадоа огромна поддршка. Но, игравме против една од најдобрите екипи во светот. Сакам да им честитам на ракометарите на Магдебург за победата.  Тие играат со неверојатно темпо – многу трчаат, имаат брз напад, постојано играат „еден на еден“, и тоа е главната разлика меѓу нашиот последен противник ПИК Сегед и овој денешен Магдебург. Не успеавме целосно да ги запреме, но постојано бевме во игра, со разлика од три-четири гола. Треба да бидеме задоволни и со подигната глава да гледаме кон иднината“, изјави Хенигман.

Следен предизвик за Еурофарм Пелистер ќе биде гостувањето кај Загреб, на 3 декември, кое може да се покаже како клучно во битката за осминафиналето во Лигата на шампионите.