Хенигман пред Магдебург: Секогаш мислиме на победа и сакаме да освојуваме два бода

Македонскиот првак вечерва му гостува на европскиот првак во најелитната конкуренција – Еурофарм Пелистер брка сензација кај Магдебург.

Избраниците на Бенет Вигерт се максимални по пет кола и имаат пет победи на пет меча, па се големи фаовирити против битолчани.

Левиот бек Ник Хенигман, кој против Барса ги покажа своите квалитети во напад, вели дека европскиот шампион е добро аналзииран.

„Точно е дека се подготвуваме максимално за овој меч. Ние секогаш мислиме на победа и сакаме да освојуваме два бода, иако знаеме дека некогаш тоа не е воопшто лесно. Се подготвуваме за нивниот силен напад, особено во ситуациите „еден на еден“, но ќе се обидеме да се справиме со силниот Магдебург. Барселона игра малку поинаков ракомет, додека Магдебург е експлозивен и често сака да игра на линијата од седум метри. Се обидува со својата физичка сила да доминира на теренот, и ние тоа добро го знаеме. На европската сцена секој натпревар е од огромна важност, сите се трудат да освојат што повеќе бодови, затоа и ние ќе се трудиме да се претставиме во подобро светло. Добрата форма од Европа да ја пренесеме и во домашното првенство“, изјави Хенигман.

Натпреварот меѓу Магдебург и Еурофарм Пелистер се игра вечерва во „Гетек Арена“ со почеток од 20:45 часот.