Хенигман: Едвај чекам да играм пред „Чкембари“

Подготовките на шампионот Еурофарм Пелистер за новата сезона добиваат на интензитет со тренинзи во Златибор, по почетната фаза во Битола.

Тимот замина на висински подготовки во Србија, каде ќе остане околу десет дена, со цел максимално да се подготви за новите предизвици на домашната и европската сцена.

Меѓу новите имиња во составот е словенечкиот интернационалец Ник Хенигман, кој ги сподели првите впечатоци од новата средина.

Тој истакна дека работната атмосфера во клубот е одлична, а тренинзите интензивни, што дополнително го мотивира да даде максимум.

„По една недела во Битола, стигнавме на Златибор. Добро работиме и многу тренираме и продолжуваме со подготовките. Цел ни е уште подобро да се подготвиме, затоа што нè чекаат многу нови предизвици, нови натпревари. Верувам дека ќе го освоиме домашниот шампионат и Куп и што е можно подобро да одиграме во Лигата на шампионите. Уште еден месец, па ќе играме во Битола. Едвај чекам да играм пред нашите навивачи, пред луѓето кои секогаш нè поддржуваат, пред „Чкембарите“. Се гледаме наскоро“, изјави Хенигман.

По враќањето од Златибор, битолскиот клуб ќе ги финишира подготовките со настапи на два турнира, од кои еден во Охрид, а вториот во Скопје.

Потоа следува вистинскиот почеток на сезоната – на 3 септември со натпревар против Вардар во Супер Купот, потоа првото коло од Супер Лигата против Бутел, а веќе по неколку дена започнува и настапот во Лигата на шампионите против хрватскиот шампион Загреб.