Еден од новајлиите во македонскиот шампион Еурофарм Пелистер е десното крило од Бразил, Рудолф Хекбарт.
Бразилскиот репрезентативец веќе играше два пати против Вардар во Охрид и Скопје на пријателски средби, но првпат тоа ќе се случи на официјален натпревар.
Супер Куп средбата во салата „Јасмин“ во Кавадарци сите ја очекуваат со нетрпение, а и Хекбарт исто така.
„Многу сум задоволен тука во Битола, задоволен сум со клубот и градот. Соиграчите многу добро ме пречекаа и подготовките ги минавме одлично. Одигравме корисни пријателски натпревари и спремни сме за тоа што доаѓа. А сега доаѓа најдоброто. Мислам дека сме спремни за Супер Купот на Македонија против Вардар. Имаме многу натпревари пред нас, но ростерот е долг и квалитетен. Мислам дека сите можеме да придонесеме во успехот на колективот. Дојдов да помогнам во овој одличен тим и едвај чекам да почнат официјалните натпревари. За еден спортист дерби натпреварите се нешто посебно. За такви натпревари работиме, тренираме и се жртвуваме. Уште на пријателските натпревари проти Вардар видов дека нема ништо пријателско и мора да се игра сериозно. Едвај чекам да почне натпреварот“, изјави Хекбарт.
Мечот меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер стартува од 19:00 часот, а ќе се игра во салата „Јасмин“ во Кавадарци.