Хеидарирад: Ќе биде шоу во плеј-офот, атмосферата во Битола не се споредува со ниедна друга

Македонскиот првак Еурофарм Пелистер по мечот со ГОГ Гудме, ќе им се врати на домашните обврски и само два дена по гостувањето во Данска, ќе гостува во Кавадарци кај екипата на Тиквеш.

Едно од засилувањата оваа сезона за битолчани е иранскиот голман со романски пасош Сеид Хеидарирад, кој имаше добар старт на сезона, па паузираше поради повреда, но сега одново е спремен за предизвиците што ги носи клучниот дел од сезоната.

Тој пред да дојде во Битола настапуваше дури седум сезони за романскиот првак Динамо Букурешт, потоа мина една сезона во Партизан, но вели дека атмосферата што ја прават битолските навивачи не може да се спореди со ниедна друга.

„Знаев многу работи за Битола и Еурофарм Пелистер пред да дојдам овде, се работи за клуб со традиција со многу фанатични навивачи. Во градот Битола, ракометот е најпопуларниот спорт во споредба со останатите. Секојдневно ја чувствувам поддршка од сите луѓе и прекрасно е чувството да се игра пред 3-4.000 гледачи во салата. Атмосферата овде е многу подобра отколку во Букурешт, се работи за голем град каде има и други спортови, фудбалот е популарен, но во Битола најголем дел од луѓето гледаат ракомет, тоа е неверојатно, буди неверојатно чувство кога влегуваш во салата и гледаш толку многу луѓе“, вели Хеидарирад.

Битолчани имаат негатива од четири бодови пред лидерот Вардар, од позадина шанса чека и Охрид, но голманот е уверен дека Еурофарм Пелистер одново може да се радува на шампионската титула.

„Мора да ги победиме сите, и според мене ќе го направиме тоа, но само ако играме како што знаеме. Добро е да има четири конкуренти за титулата, бидејќи ако се само два, тогаш ќе биде „едниот победува и тоа е тоа“. Секој може да победи секого како што се покажа досега. Ќе биде шоу во плеј-офот, одлично за македонскиот ракомет, сите ќе уживаат, а за мене е уште поинтересно – ќе има голем борба, имаме десет интересни натпревари, не само два“, заврши Хеидарирад.

Пелистерци утре од 19:00 часот го стартуваат настапот во плеј-офот.