Хансен за периодот во депресија: Имав мрачни мисли, се беше сиво, можев да завршам лошо…

Микел Хансен ужива во пензионерските денови, откако ја заврши кариерата по Олимписките игри во Франција.

Данската легенда и неговата сопруга говореа за тешкиот период кога Хансен беше во депресија во документарен филм.

„Немаше радост во ништо, се беше само сиво и бесмислено. Сè се чувствуваше бесмислено. На крајот само… завршив“, вели Хансен.

Две недели откако Микел Хансен го освои третото по ред злато на СП 2023 со Данска, дојде веста дека ѕвездата е на боледување. Јавно беше објавено дека Микел Хансен е на боледување поради симптоми слични на стрес, но приватно се бореше и со депресија.

37-годишниот Микел и неговата сопруга Стефани го потврдија тоа во документарен филм за данскиот DR1.

„Тој кажуваше работи кои многу ме загрижија. Имаше многу мрачни мисли и сакаше да прави работи што никогаш порано не сум го слушнала да ги каже“, вели Стефани во документарецот.

Хансен и неговото семејство во документарецот велат дека ненадејната реакција се должи на огромниот притисок врз него од неговото враќање во Данска и Алборг. Неговата сопруга на крајот ја донесе одлуката да оди на пауза.

„Станав многу загрижена, а му се јавив на неговиот агент и му реков дека Микел мора да е на боледување бидејќи не се чувствува добро. Не знам кога ќе се врати, но само треба да биде дома“, изјави Стефани.

За време на боледувањето, Микел Хансен немаше никаков контакт ниту со ракометот, ниту со новинарите. Наместо тоа, тој го минуваше целото време во одгледување на децата.

„Денеска сум многу среќен што Стефани ја донесе таа одлука, затоа што мислам дека не можев сам да ја донесам таа одлука. Мислам дека ќе завршев на многу полошо место“, заврши Хансен.