Кадетската и младинската репрезентација на Гвинеја ги освоија титулите на ИХФ Интерконтиненталниот трофеј што минатите пет дена се одржуваше во бугарскиот град Велико Тарново.
Младинките на Гвинеја имаа четири победи на четири меча против Узбекистан (34-33), Колумбија (34-25), Бугарија (33-20) и Канада (47-27).
Некогашната членка на Ѓорче Петров, Мацире Камара даде 11 гола на последната средба и се најде во идеалниот тим на ова натпреварување како најдобро десно крило.
Со оглед на тоа што Гвинеја преку Африканското младинско првенство обезбеди место на Мундијалот за младинки во Кина, местото го добива нивниот континент, а највисоко рангирана селекција на континенталниот собир што немаше досега мундијалски билет е Алжир.
Кај кадетките, Гвинеја исто така остана непоразена на четири меча – Бугарија (33-33), Канада (36-32), Узбекистан (41-33) и Венецуела (44-21).
Гвинеја и во оваа категорија имаше обезбедено преку Африканското првенство место на СП за кадетки во Романија, па нивното место оди во рацете на Нигерија, која е највисоко пласирана африканска селекција на континенталното првенство што немаше обезбедено мундијалски билет.









