Репрезентацијата на Исланд се израдува на првата победа во главната фаза на Европското првенство 2024, откако со одлична игра во последните петнаесетина минути триумфираше над Хрватска со 30:25.
Најзаслужен за победата на Исланд беше голманот Бјорвинг Густавсон, кој натпреварот го заврши со 12 интервенции, дел од нив беа во моментите кога неговата репрезентација започна постепено да се одлепува.
Избраниците на Горан Перковац за нијанса беа подобри во првиот дел, во кој имаа подеми и падови, но на пауза заминаа со активен резултат. Хрватска имаше добар почеток, добро функционираше нападот и одбраната, па така „коцкестите“ во најголемиот дел од првото полувреме имаа резултатска предност.
Иако Хрватска до 15 минута водеше со два до три гола разлика, во еден момент дојде и до максималните плус четири, 8:4, сепак Палмарсон и колегите полека се враќаа во игра и во 18 минута направија целосен пресврт. По предноста на Хрватска од 11:9, островската земја со три гола во низа го презеде водството и поведе со 12:11.
Исланд до 25 минута водеше минимално, потоа Хрватска ја презеде контролата, ја подобри реализацијата и успеа во последните пет минути од првото полувреме да го надигра ривалот. Откако беше нерешено, 15:15, составот на Перковац направи серија од 3:0 и се одлепи на 18:15. По 30 минути игра, предноста на Хрватите беше 18:16.
За неколку минути игра во вториот дел повторно дојде до пресврт на натпреварот. Исланѓаните влегоа во полн налет, најпрво израмнија и во 38 минута зголемија на плус два, 21:19. Камбекот на Исланд беше причина Перковац да побара тајм-аут и советите вродија со плод, неговите избраници на дваесетина минути пред крајот дојдоа до нерешени 21:21.
Следуваше игра гол за гол, потоа по нерешените 25:25, ракометарите на Гудјонсон направија голем исчекор, врзаа четири гола и поведоа со 29:25 во 50 минута. Во тој момент беше најавената победата на Исланд, бидејќи до крајот Хрватска не успеа да направи нешто повеќе, ниту резултатски да се доближи.