Десното крило Дарко Ѓукиќ ова лето го засили амбициозниот Охрид, па по настапите за Металург и Вардар, српскиот репрезентативец игра и за трет македонски клуб.
Во интервју за „Моцарт Спорт“, Ѓукиќ потенцира дека Охрид ќе ја искористи секоја шанса што ќе му се укаже во битката за трофеи.
„Засега сè е одлично. Мислам дека остваривме извонредни резултати во првиот дел од сезоната, нешто што никој од нас не го очекуваше. Работевме напорно, многу играчи беа во добра форма и дојдовме до тие, да ги наречам, изненадувања и победи против фаворити. Ги победивме Еурофарм Пелистер и Алкалоид на домашен терен, што е многу важно. Сè уште сме во трка за шампионската титула. Тоа не беше наша примарна цел во првата сезона, но сигурно нема да ја одбиеме шансата ако ни се укаже. Можеби пореално е да се бориме за второто место, за трофејот во Купот и за добар настап во ЕХФ Купот“, изјави Ѓукиќ.
Тој посебно го истакна и ракометниот амбиент во Македонија, кој го оцени како еден од најдобрите во Европа.
„Навистина е интересно да се игра тука, бидејќи Македонците се големи ракометни фанатици. Секое дерби носи полни трибини, голема енергија и страст. Мислам дека ова е една од најследените лиги во Европа и сите внимателно го следат она што се случува во Македонија“, заклучи српското десно крило.
Охрид ја одработи задачата со Бутел Скопје и од регуларниот дел од Супер лигата го очекува уште пресметката со Пролет, а таа ќе се игра по реваншот со Дукла Прага на кој охриѓани носат девет гола залиха и се очекува да се пласираат во ТОП 8 во ЕХФ Купот.
























