Охрид гради одличен состав, а доказ за амбициозноста на проектот на раководството се многуте ракометари што настапите во Лигата на шампионите, Бундес и Асобал лигата ги заменија со Македонија и Супер лигата.
Еден од ракометарите што треба да биде меѓу лидерите на тимот на Борис Ројевиќ е десното крило Дарко Ѓукиќ.
Српскиот репрезентативец по кратка пауза се враќа во македонскиот шампионат, каде што е практично како дома, бидејќи мина голем дел од кариерата играјќи за Вардар и Металург. Во разговор за 24Ракомет ги сподели првите импресии по пристигнувањето во „балканскиот Ерусалим“.
„Се чувствувам како домашен играч овде, ова ќе ми биде петта сезона во Македонија и можам да кажам дека ми е многу пријатно“, вели Ѓукиќ.
Тој откри што беше пресудно да ја прифати понудата на Охрид.
„Пресудно да ја прифатам понудата од Охрид беше сериозноста на проектот кој се гради овде од раководствотот и Општината. Амбициите се секоја сезона да бидеме подобри во македонското првенство и во Европа, а секако меѓу другото удел да ја прифатам понудата беше и тоа што тренер ќе биде Борис Ројевиќ, со кој веќе соработував во српската репрезентација“, вели Ѓукиќ.
Охрид минатата сезона во повеќе наврати беше на чекор до победа против некоја од екипите од водечкото трио, но остануваше со празни раце.
„Ние ќе се бориме и ќе дадеме максимум на секој натпревар, па ќе видиме дали тоа ќе биде доволно за да се победат големи противници од типот на Вардар и Еурофарм Пелистер, па и тимот од Автокоманда. Мислам дека се уште е рано да се зборува за тоа сепак, и да се става притисок на Охрид за да се вмеша во шампионската титула“, реален е Србинот.
Охрид ќе биде активен и на меѓународна сцена во ЕХФ Европскиот Куп, а прв ривал е Баку од Азербејџан.
„Што се однесува до ЕХФ Европскиот Куп ќе одиме и тука чекор по чекор, се надеваме да стигнеме што подалеку, но за тоа мора да имаме и среќа во наредните ждрепки, бидејќи и во ова натпреварување има сериозни и квалитетни екипи“, вели Ѓукиќ.
Десното крило вели дека му е убаво во град како Охрид.
„Се чувствувам прекрасно, луѓето што се во клубот прават се за нас да ни биде уште подобро и што побрзо да се адаптираме. Што се однесува до градот, пријатно сум изненаден“, заврши Ѓукиќ.
Охрид ќе се подготвува на домашно тло и ќе настапи на традиционалниот турнир во Струга, како и на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ од 19 до 23 август.