Ракометарките на Металург Автокоманда по успешната премиера со Диферданж од Луксембург во второто коло, во ЕХФ Европскиот Куп сега ги очекува поголем предизвик – двомеч со хрватскиот Сплит.
Десното крило Марија Гугуљанова вели дека секој меч носи своја тежина, но и дека верува во способностите на нејзиниот тим.
„Очекувањата од овој меч се високи и за нас претставуваат голем предизвик. Секој натпревар во ЕХФ Куп носи своја тежина, но нашата екипа е целосно подготвена да покаже максимална посветеност, борба и карактер на теренот. Веруваме во нашите способности и во квалитетот, имаме јасна амбиција да се пласираме во осминафинале“, вели Гугуљанова.
Противникот не е на нивото на претходниот ривал, но не е ниту тим кој не може да се мине.
„Сплит е квалитетен тим, со искусни играчи и добро организирана игра. Не можеме да ги потцениме, но исто така веруваме во нашите можности. Нашата цел е да го дадеме максимумот на теренот, да играме дисциплинирано и тимски, и да се бориме до самиот крај“, продолжи Гугуљанова.
Металург Автокоманда досега нема пораз и со шест победи и едно реми е лидер во Супер женската лига.
„Оваа сезона сме задоволни од она што го прикажавме досега на теренот, со тоа што немаме пораз досега на натпревар, но остануваме фокусирани на секој следен. На домашна сцена, нашата цел е јасна , да се бориме за двојна титула. На меѓународната сцена, секој меч е предизвик и шанса да стекнеме ново искуство и да покажеме дека можеме да се носиме со конкурентите на европско ниво. Веруваме во тимот, во нашата игра и во дисциплината која ја вложуваме. Целиме да се прикажеме на највисоко ниво, да ги искористиме шансите и да ја градиме репутацијата на Металург Автокоманда и на женскиот ракомет во Македонија“, заврши Гугуљанова.
Првиот меч меѓу Сплит и Металург Автокоманда се игра утревечер во салата „Грипе“ во Сплит, додека реваншот е на 16 ноември со почеток од 15:00 часот во салата во Автокоманда.

























