Грузија „кова“ историја – специјална монета за ЕП 2026!

Националната банка на Грузија издаде колекционерска сребрена монета со номинална вредност од една лара (20 денари), посветена на учеството на машката репрезентација на Европското првенство 2026 година, како и на 70-годишнината од основањето на Грузиската ракометна федерација.

Како што соопштија од банката, оваа монета е симбол на растот и успехот на грузискиот ракомет, кој во последните години бележи значаен напредок на меѓународната сцена.

Машката репрезентација на Грузија ќе настапи на Европското првенство по вторпат во својата историја и тоа во две последователни изданија. Дебито го имаа на ЕП 2024, каде за првпат успеаја да се квалификуваат на континенталниот шампионат.

Дизајнот на монетата, наречена „Ракомет 2026“, е изработен од страна на Грузиската ракометна федерација во соработка со Националната банка. Финалната верзија е доработена од експерти, а самото ковање на монетите е реализирано во Казахстан со користење на специјални, ексклузивни технологии.

Со ова издание, Грузија не само што го одбележува спортскиот успех, туку и испраќа силна порака за значењето на ракометот во националната спортска култура.