Група Б: Шпанија секогаш се бори за медал, непредвидливата Хрватска може да победи секого

24Ракомет - единствениот специјализиран портал за ракомет, до стартот на Европското првенство со серија анализи од истакнати тренери ќе Ви ги претстави сите групи и учесници на континенталниот собир. Групата Б за 24Ракомет ја анализира Владо Недановски.

Групата Б ќе понуди неизвесни и интересни дуели. Две репрезентации се апсолутни фаворити, Шпанија која секогаш се бори за медал и незгодната и непредвидлива Хрватска која може да победи секого. Тука е и Австрија која од година во година е се подобра и Романија која по скоро две децени се враќа на големата сцена.

Иако нема да им биде нималку лесно на фаворитите со Австрија и Романија, сметам дека во оваа група борбата за првото место ќе се одвива меѓу Шпанија и Хрватска.

ШПАНИЈА

Шпанците ниту на едно од големите натпреварувања не се меѓу големите фаворити, но на секое од нив стигнуваат до завршницата. Зад нив е препознатливиот шпанскиот систем, кој само се надоградува.

Шпанија го има еден од најискусните селектори во светот на ракометот, кој многу добро знае што прави. Жорди Рибера од 2016 го надгради одличниот шпански систем, а тоа покажа резултати не само во одбраната по кој е карактеристична Шпанија, туку и во нападот.

На ова првенство Рибера повторно ќе може да смета на, според мене, најдобриот десен бек кој знае сè од ракометната игра Алекс Душебаев и најпаметниот играч Хуан Канелјас кој многу добро го познавам. Имаат крила што на знаат да промашат, но нивната најдобра страна се нивните голмани кои на сите првенства ја прават таа голема разлика.

КЛУЧНИ ИГРАЧИ: Алекс Душебаев, Гонзало Перез де Варгас, Хуан Канелјас.

ХРВАТСКА

Хрватска на ова првенство е со нов селектор и нов начин на игра. Неколку контролни натпревари добро одиграа. Хрватска во моментов има доста искусни играчи кои позади нив имаат многу големи натпреварувања.

Горан Перковац е селектор на Хрватска неполна година, тој својата кариера и како играч и како тренер ја градеше во Швајцарија. Клупата на коцкестите му е трета селекторска авантура, откако ги водеше Грција и Швајцарија. Човек кој освоил олимписко злато сигурно е желен да се докаже и да ја одведе Хрватска до прво континентално злато.

Хрватите се спој на искуство и талент. Во составот се враќа Лука Степанчиќ кој игра во одлична форма и ќе биде голема помош на ова првенство. Шоштариќ исто така игра во одлична форма. Додека за тројката Карачиќ, Циндриќ и Дувњак не треба дополнително претставување, може само да се констатира спој на искуството и квалитетот. Ако го има расположениот млад голман Мандиќ како што го има Загреб во Лигата на шампионите тогаш Хрватите можат да се борат и за медал.

КЛУЧНИ ИГРАЧИ: Домагој Дувњак, Матеј Мандиќ, Лука Циндриќ

АВСТРИЈА

Австрија последниве неколку години континуирано е дел од големите натпреварувања. Можеби не се во врвот на европскиот ракомет, но „фатија“ континуитет и присутни се на големите натпреварувања. Под раководство на селектор Алеш Пајович, Австијците доста напредуваат.Словенечкиот стратег важеше за специјалист за одбрана во играчките денови, па токму преку одбраната Австрија започнува да ја гради играта која ги носи и на овој континетнален собир.

Имаат неколку топ играчи во своите редови. Нивната најголема ѕвезда е левиот бек Микола Билик кој игра во одлична форма во дресот на Кил. Поддршка на младиот Билиќ ќе му биде искусното десно крило Вебер и левото крило Фримел. Тие се најголемите и најдобри имиња во австрискиот состав.

КЛУЧНИ ИГРАЧИ: Микола Билик, Роберт Вебер, Себастијан Фримел

РОМАНИЈА

По многу вложувања и стратегија за развој на ракометот, Романците после неколку децении  се враќаат на Европско првенство. Човекот кој ја врати Романија е шпанскиот стратег Чави Посквал, еден од најдобрите тренери на денешницата. Самиот пласман на ова Европско првенство е успех за романската селекција и мислам дека шансата за бодови Романците ќе ја гледаат на натпреварот со Австрија. Токму тој дуел ќе биде испит за амбициите на избраниците на Чави Пасквал, откако на двапати се сопнаа против Австрија во квалификациите за овој шампионат.

Во споредба со остантатите три репрезентации од група Б засотануваат по квалитет, но тимскиот дух и заедништво може да ги направи порамноправни противници. Токму тимскиот дух и дисциплината не беа силна страна на романските репрезентативци, но селекторот Чави Пасквал сигурно има начин како да го извлече најдоброто од неговите избраници.

КЛУЧНИ ИГРАЧИ: Дан Емил Ракотеа, Демис Космин Григорас, Андреј Драган


*Владо Недановски е поранешен македонски репрезентативец и двоен освојувач на Лигата на шампионите со Вардар. Токму во Вардар по завршувањето на кариерата ги прави првите тренерски чекори како помошник на Стевче Алушовски и Веселин Вујовиќ, а денес е предводник на „црвено-црниот“ состав од Скопје во походот кон враќање на титулата во македонскиот шампионат.