Женската репрезентација на Македонија в четврток го започнува настапот на Европското првенство во Унгарија, Австрија и Швајцарија.
По двата контролни меча и поразите од Србија и Хрватска на „Кроација Куп“, македонската експедиција е во Дебрецин, каде што се подготвува за првиот меч против Шведска.
Селекторот Кристијан Грчевски вели дека овие ракометарки се најдоброто од Македонија во овој момент.
„Моментално ова е најдоброто од Македонија, ова е екипа која сака да игра и да се бори за македонскиот дрес. За нас би било успех да имаме една победа против Турција која навистина е квалитетна репрезентација и која во последните години навистина има голем напредок. Се вложува многу во женскиот турски ракомет“, вели Грчевски.
Македонската селекција е една од најмладите на ЕП.
„Оваа репрезентација е една од најмладите на ЕП со мал шмек на искуство, кој ќе треба да го понесе товарот. Зенитот на оваа репрезентација со мала дополна од уште неколку млади ракометарки би требало да го достигне во наредните четири до шест години. Само со правилна работа, со голема посветеност и професионализам може да се стигне до едно високо ниво“, продолжи Грчевски.
Македонија прво игра со Шведска, па следува дуел со Турција, за групната фаза да заврши со меч против домаќинот Унгарија.
„Главниот фокус ни е Турција, која како што реков е навистина квалитетна, но наше е да се бориме и да пробаме да оствариме една многу посакувана победа. Со Шведска ќе пробаме да играме, но како ќе се одвива натпреварот ќе видиме, па ќе одлучиме како ќе го завршиме. Потоа следува Турција, ако победиме тогаш психолошката предност ќе биде на наша страна и против Унгарија ќе одиме на „се или ништо“, сепак ова е топка, тие се домаќинки и притисокот ќе биде кај нив“, заврши Грчевски.
Македонија сите дуели ќе ги игра во „Феникс Арена“ во Дебрецин, а првиот меч против Шведска е закажан за 28 ноември од 20:30 часот.