Говорот на омраза ја прели чашата – Шпанија бара правда за своите репрезентативки!

Шпанската ракометна федерација најави дека ќе поднесе кривични пријави поради расистички и ксенофобни навреди упатени кон дел од ракометарките на женската репрезентација за време на Светското првенство. Навредливите коментари се појавиле на социјалните мрежи, а биле насочени кон изгледот и потеклото на неколку репрезентативки.

Најголем дел од говорот на омраза се интензивирал по еден од натпреварите на првенството, по што федерацијата реагирала со јасна порака дека расизмот нема и не смее да има место во ракометот и спортот воопшто.

Раководството на шпанскиот ракомет најави дека ќе ги пријави сите идентификувани профили и коментари, со цел случајот да добие правна завршница.

Од федерацијата истакнуваат дека ракометарките биле заштитени за време на шампионатот, а правните чекори ќе следуваат веднаш по завршувањето на СП. Пораката е јасна – омразата, дискриминацијата и расистичките испади нема да се толерираат и секој што стои зад ваквите напади ќе одговара.