Шведскиот репрезентативец Јим Готфридсон не е повеќе член на унгарскиот вицепрвак ПИК Сегед.
По три недели молк и по статиите во скандинавските медиуми, унгарскиот клуб денеска го официјализираше раскинот на договорот без многу детали зошто се откажува од услугите на Швеѓанецот.
Средниот бек ја објасни и својата страна на приказната и се огласи на социјалните мрежи.
„Почитувани навивачи, пријатели и членови на ракометната заедница!
Потврдувам дека Пик Сегед еднострано го раскина мојот тригодишен договор.
Ова го направија без никакво образложение или претходна консултација, со што сериозно ги прекршија пишаните и непишаните правила на спортот што го сакам.
Тоа го направија и покрај фактот што се борев со цело срце за тимот на секој тренинг и на секој натпревар. Го носев дресот на овој клуб, кој има богата историја, со максимална посветеност и гордост.
Сакав да ја завршам кариерата тука, ја замислував блиската иднина за мене и моето семејство во овој прекрасен град и ќе ги посветев последните години од мојата професионална кариера на овој клуб.
Моето разочарување не може да се опише со зборови. Никогаш не можев да замислам дека клуб со ваков углед ќе ги жртвува сите правила на спортската етика и законите, поради причини кои не ми се познати.
Сметам дека постапката на клубот е незаконска и со помош на мојот правен тим ќе се обидам да спречам вакво нешто да им се случува на ракометарите во Унгарија во иднина.
Ви благодарам за поддршката“, напиша Готфридсон.
Каква разврска ќе има овој случај и дали Готфридсон ќе биде исплатен до крајот на неговиот договор до 2028 година, останува да видиме.
Според германските медиуми, веќе се споменува враќање во тимот на Фленсбург, каде што тој мина 12 сезони.
View this post on Instagram
Се огласи ПИК Сегед – отказ за Готфридсон, Швеѓанецот сака назад во Фленсбург?









