Женската младинска репрезентација на Македонија на крајот го освои 23 место на Европското првенство во Црна Гора, откако славеше против Литванија со 39-38. Победата требаше да биде запечатена многу порано, но падот во финишот го искористија Литванките и ја направија средбата драматична.
Одбраната не беше на највисоко ниво и на овој натпревар, но нападот беше разновиден и со повеќе идеја, па лесно го наоѓавме патот до литванската мрежа. Бековите како никогаш претходно имаа одлична реализација, Хасаноска беше солидна на голот, но огромниот пад во финишот можеше да скапо да не чини. Литванија имаше шанса за реми и да го однесе мечот на пенали, но Гошевска која влезе во финишот го одбрани тој удар и Македонија го затвори ова ЕП со победа. Котевска и Миленкоска имаа по девет погодоци, додека шест гола даде Лашкоска, а Хасаноска собра девет интервенции. Гошевска имаше една, ама вредна интервенција.
Литванките водеа на стартот со 3-0, а во текот на целото прво полувреме Македонија бркаше негатива. Во два наврати стигнуваше до егал, но потоа одново следуваа грешки и противникот се одлепуваше.
Во финишот на првиот дел по 19-18 за Литванките, најпрво Лашкоска израмни од пенал, а потоа Тодоровска со убава акција и погодок го донесе првото водство за Македонија, 20-19.
Одбраната на чело со Хасаноска беше солидна на стартот на второто полувреме, Лашкоска ја затвори најдобрата Литванка – Пиликаускаите и Македонија преку Кралева стигна до плус три, 23-20.
Но Тодоровска доби црвен картон по еден остар старт над противничката, па се скрати македонската ротација во бековската линија. Котевска диригираше со нападот на Македонија, погодувавме од сите позиции и предноста отиде на четири гола, 27-23.
Имаше мал пад во играта на нашите ракометарки, Литванија се доближи на минус еден, 32-31, но потоа избраничките на Симовски ја преземаа контролата на теренот и Котевска донесе 39-33. Предвреме почнаа да слават нашите ракометарки и сами си направија проблеми во финишот.
Литванките постигнаа четири погодоци по ред, 39-37, Лашкоска беше исклучена по ударот во глава на противничката голманка, па стигна казна на спротивната страна за 39-38 и Симовски мораше да реагира со тајм-аут.
Следуваше грешка во нападот, Литванија доби последен напад за реми, но Софи Гошевска го фати нивниот удар и на крајот Македонија се радуваше на триумфот.