Ѓорче Петров упати многу прашања до РФМ и побара да се преиспитаат одлуките

Женскиот ракометен првак на Македонија најави нова жалба на одлуката на Дисциплинската комисија на РФМ, и истовремено упати повеќе прашања поврзани со работата на комисиите.

Ви го пренесуваме во целост соопштението на клубот, објавено на нивната официјална ФБ страница.

Наместо конкретен одговор на поднесената жалба, и одлука со која децидно ќе се одговори „дали последниот постигнат гол на средбата меѓу Ѓорче Петров и Металург Автокоманда, е регуларен или не“, Дисциплинската комисија на Ракометната федерација на Македонија, се обидува да ја дефокусира целата ситуација, да се затскрие зад одлуки на некоја Стручна Комисија, и да застане во одбрана на судиите кои направија голема повреда на правилата на ракометната игра. И истовремено да не ги примени ракометните правила, кои се јасно напишани, и важат за сите, и во секоја ситуација.

Како клуб кој се жалеше добивме само образложение поткрепено со анализа на наши „еминентни“ стручни лица, но ЖРК Ѓорче Петров е решено правдата да ја бара до крај. Поднесовме жалба до Комисијата за жалби на РФМ, а подготвени сме да одиме и чекор понатаму, па да побараме толкување и од Стручните комисии на ИХФ кои ги донесуваат Правилата на ракометна игра. Правилата се многу јасни, само некој треба да знае да ги примени.

На нашата испратена жалба по одиграниот натпревар, а адресирана до Дисциплинската комисија, наместо одговор добивме „анализа на целиот меч“ кој патем никој не го побара, ниту пак анализата е важна за утврдување на повредата на правилата. За регуларноста на последниот гол, според Правилата на ракометна игра е потребно да се погледне целата акција, од почеток до крај. Нема потреба од гледање на цел меч, и оценка како суделе во текот на целиот натпревар. Важна е само една акција, една ситуација.

Во својата анализа, „Стручната Комисија“ потврдува дека „при изведување на брз центар, играч на Металург Автокоманда е на противничката половина (пред даден знак за почетно фрлање). Меѓутоа додавањето не е директно до нејзе, тука на спротивната страна каде има две дополнителни додавања. И нормално е ракометарката да се најде на таа позиција пред да ја добие топката при постигнување на гол за Металург во последната секунда!!! Па како е тоа нормално, некој да има предност, и да се толерира, па уште и гол да даде?

Не е нормално при изведување брз центар играч на „спие“ во противничката половина. Тогаш зошто постои прваилото за брз центар? Во него точно се вели дека при изведување на почетно фрлање сите играчи треба да бидат на својата половина!!! Во оваа ситуација тоа не е случај, а судиите тоа не го корегираат, туку дозволуваат акцијата да продолжи, и истата ракометарка која е во недозволена позиција потоа и да постигне гол.

Комисијата потврди и дека при гледање на ВАР ситуацијата, не е проверена целата ситуација, туку е гледано само дали последниот гол е постигнат во регуларно време. Уште една голема пропуст на службените лица.

Во нашата жалба нотирани се сите пропусти во постапката водена од страна на Дисциплинската комисија, па и на „Стручната Комисија“. А имаме и многу прашања на кои бараме одговор.

Зошто добивме анализа на цел натпревар, кој не го баравме? Дали така се прави целосен дефокус на жалбата и конкретната акција?

Како може играч што е три метри во противничка половина да нема предност и додека другите се на средина, тој да стигне на 6 метри и тоа да не биде предност?

Зошто постои правилото изведување од центар, и дали е правилно применето во таа решавачка ситуација?

Кога, и од кого е назначена и потврдена оваа Стручна Комисија која ја прави таа анализа, и како е можно комисија да има  четири члена (парен број), и притоа да нема претседател?

Како е можно во истата комисија да има членови кои се роднини, и членови кои се дел од Натпреварувачката комисија, која ги делегираше судиите како замена во последен час, иако како клуб укажавме на тој пропуст и пред посочениот натпревар имавме упатено барање за промена на делегираните судии. Дали тој член може да биде непристрасен?

Сметаме дека се направени повреди на процедуарлните и материјалните правила на дисциплинската постапка, и бареме да се уважи нашата жалба и истата да се врати на повторно разгледување со конкретни напатствија за постапување. Или, да се уважи жалбата и да се одлучи по пријавата, и на тој начин да се утврди дека судиите сториле дисцилински престап.

Правдата е можеби спора, но секогаш излегува на површина.