Актуелниот бранител на титулата во Женската лига, тимот на Ѓорче Петров, на гостувањето во Струга кај Стружанка немаше големи проблеми за да дојде до убедлив триумф од 37:18.
Свое деби во дресот на Ѓорче Петров имаа новите засилувања – Луана Форте, Милена Де Соуза Менезес, Талида Алмеида и Катарина Танасковиќ.
Ѓорче Петров со денешната победа си го зголеми бодовното салдо, сега на табелата има 45 бодови.
Избраничките на Симе Симовски победата си ја обезбедија уште во првото полувреме, кое го добија со 22:9.
Во вторите 30 минути домаќинот не успеа да ја намали негативата, гостинките одиграа рутински, ја зголемија својата предност и на крај дојдоа до победа од 19 гола разлика.
Најефикасна во Ѓорче Петров беше Емилијана Ризоска со седум погодоци, по четири постигнаа Анастасија Николовска, Катарина Танасковиќ и Милена Де Соуза Менезес.
Кај Стружанка листата на стрелци беше предводена од Теодора Маркоска, која имаше девет реализации.
По 15. коло во Женската лига ќе следува пауза поради ЕХФ неделата, во која настап ќе има македонската репрезентација.
Ѓорче Петров по паузата го очекува четвртфиналниот дуел со шпанскиот Елче во Европскиот Куп, како и домашниот дуел со Металург Автокоманда.