Ѓорче Петров се прошета низ Штип

Актуелниот шампион Ѓорче Петров запиша и седма победа во плеј-офот во Женската лига, откако славеше на гостински терен кај Астибо со 39-18.

Победникот беше решен уште по првиот дел, кога избраничките на Симе Симовски направија залиха од десет гола, 22-12.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Ризоска и Кадиату со по шест гола, додека кај штипјанки стандардно Анчева постигна најмногу голови, вкупно 13.

Ѓорче Петров сега има 15 бода на лидерската позиција, пред Чаир и Металург Автокоманда кои имаат по 11 на делба на второто место.

Сега следува репрезентативна пауза, а следните натпревари од плеј-офот се на 15 март, кога Астибо ќе гостува кај Чаир, додека Ѓорче Петров го чека Вардар.