Ѓорче Петров се пласира во четвртфиналето на Европскиот Куп!

Македонскиот шампион Ѓорче Петров иако на реваншот од осминафиналето во Европскиот Куп беше поразен од Хазена Кинжварт со 34:33, сепак, поради победата од три гола од првиот натпревар, обезбеди пласман меѓу најдобрите осум екипи во третото по ранг европско натпреварување.

Ѓорче Петров на првиот натпревар, кој беше одигран во Автокоманда, победи со 32:29 и токму овие три гола предност се покажаа како доволни за продолжување на настапот на ,лавиците“ во европски рамки.

По израмнетата игра во воведните десет минути, македонскиот шампион од 7:7 со погодоците на Дамјаноска и Ризоска дојде до плус два, 9:7. Овие два гола предност на „лавиците“ беа знак за домашниот тренер да побара тајм-аут.

Сепак, избраничките на Симе Симовски не дозволуваа ривалот да израмни, ја одржуваа стекнатата предност и во 20 минута дојдоа до дотогаш највисоките плус три, 13:10. До тој момент, голманката на Ѓорче Петров, Слободанка Кицеска, како и Сабрина Новотна од домашната екипа, имаа по шест интервенции.

Ѓорчепетровки до крајот на полувремето беа подобриот противник на теренот, од 25 минута, па до паузата заиграа поангажирано во одбраната и во овој период од пет минути игра  водеа со четири гола разлика. Резултатот на полувреме беше 20:16 во корист за македонскиот претставник.

Хазена Кинжварт во 35 минута намали на 21:19, но  првата криза во таборот на Ѓорче Петров беше прекината со погодоците на Ѓорѓиевска и Ризоска, кои зголемија на 23:19 во 38 минута. Откако Ѓорче Петров поведе со 24:20, домаќинот ги искористи грешките на гостинките и на петнаесетина минути пред крајот направи камбек, израмнувајќи  на 24:24.

Домашниот тим ја продолжи одличната серија, врза уште два гола во низа и дојде до 26:24. Ракометарките на Ѓорче Петров речиси осум минути беа без реализација и за тој период домаќинот успеа да го направи пресвртот. Во последните десет минути се влезе со нерешен резултат, 27:27, додека пет минути подоцна, односно во 55 минута, беше 30:29 за чешкиот тим.

Избраничките на Симовски во последните пет минути не дозволија Хазена Кинжварт да има поголемо водство од два гола разлика и на крајот се радуваа на пласман во четвртфиналето од Европскиот Куп, додека домаќинките тагуваа за пропуштената шанса.

Најефикасни кај Ѓорче Петров со по шест погодоци беа Анастасија Николовска и Катерина Дамјаноска, по пет реализации имаа Ангела Јанкуловска, Ана Марија Коларовска и Емилијана Ризоска.

Слободанка Кицеска натпреварот го заврши со 10 интервенции, две помалку имаше младата Матеа Чурлиновска.