Ѓорче Петров не се шегува – носи и хрватска репрезентативка на десен бек!

Македонскиот шампион Ѓорче Петров полека го склопува играчкиот ростер за следната сезона, во која најавува големи европски амбиции, ако се суди според засилувањата што доаѓаат во Скопје.

Најново име во составот на Симе Симовски е хрватската репрезентативка Ивана Дежиќ, која доаѓа од романскиот клуб Миовени. Станува збор за искусен, 29-годишен десен бек со настапи во хрватски и странски клубови.

Дежиќ потекнува од составот на Кока Вараждин, три сезони мина во хрватскиот гигант Подравка, каде што играше до 2019 година. Една сезона настапуваше за полскиот Погон Шчечин, со кој стигна до завршницата на Челинџ Куп.

Се врати една сезона во Кока Вараждин, и одново стана интернационалка. Беше дел од францускиот Безансон и романскиот Миовени. Тренерот Симе Симовски ќе добие квалитетно напаѓачко решение на десната бековска позиција.

Претходно Ѓорче Петров ги донесе бековите Јана Калајџиевска, Петра Јершек и Есма Муратовиќ, како и голманката Флавија Лима Габина.

Македонскиот шампион ќе игра во второто квалификациско коло во Лигата на Европа против шведскиот Хорс, а ако го мине овој ривал ќе игра со Париз во третото и последно коло пред групната фаза.