Ѓорче Петров напредува на меѓународна сцена – се ближи кон најдобрите во Европа

Актуелниот шампион и освојувач на Куп трофејот во Македонија, Ѓорче Петров во последните неколку сезони го билда сопствениот рејтинг не само во нашата држава, туку и во Европа. Целта за оваа сезона е да се влезе меѓу најдобрите 20 на континентално ниво.

Освен што доминира на македонските терени, Ѓорче Петров сезонава отиде чекор напред и се пријави за Лигата на Европа. На европскиот ранкинг на екипите, „лавиците“ на најновиот „апдејт“ се најдоа на 34 позиција и напредуваа за едно место во споредба со претходното рангирање

Ако се споредува рејтингот на македонскиот првак со оној во претходните неколку сезони, Ѓорче Петров направи голем скок од дури 235 места, бидејќи беше рангиран на 269 место!

Минатата сезона Ѓорче Петров стигна до ТОП 8 во Европскиот Куп, а оваа сезона ќе има шанса за настап во Лигата на Европа. Благодарејќи на високиот рејтинг на Македонија во Европскиот Куп, оваа сезона и Чаир стартуваше од висока позиција пред ждрепката за второто коло.

Лидер на листата очекувано е европскиот првак Ѓер, следува данскиот Есбјерг, па францускиот Мец, додека ако се рангираат само екипите што играат во ЛЕ, тогаш Ѓорче Петров е рангиран на 13 место.

Од другите македонски тимови, Чаир е на 99 место, Металург е на 142 место, додека Куманово е на 158 место во Европа.