Екипата на Ѓорче Петров пред својата публика го совлада Хазена Кинжварт со 32:29 во првиот осминафинален дуел во Европскиот Куп.
На избраничките на Симе Симовски на реваншот, кој е закажан за 20 јануари, ќе им биде доволно и реми за пласман во четвртфиналето во третото по ранг европско натпреварување.
По предноста на Ѓорче Петров од 2:1, гостинот од Чешка направи серија од 3:0, се одлепи на 4:2 и до крајот на полувремето ја диктираше играта на теренот. Кон средината на првиот дел, тимот на Кинжварт дојде до дотогаш највисоките плус три, 7:4.
Ѓорчепетровки се обидуваа да се вратат во игра, но техничките грешки беа причина за негативата од два до три гола. Ниту Кинжварт не играше на ниво, во неколку наврати не успеа да реализира за плус четири, па така избраничките на Симовски со голот на Божиноска намалија на 8:7 во 18 минута.
До 20 минута, голманката на Ѓорче Петров, Слободанка Кицеска, имаше три интервенции, додека Сабрина Новотна од Кинжварт дури осум. Откако Ѓорче Петров за момент ја подобри играта, повторно следуваше мала криза, гостинките речиси во целост ги казнуваа грешките на домаќинките и во 25 минута повторно дојдоа на максималните плус три, 13:10.
Составот на Симовски во последните пет минути даде сѐ од себе за да ја намали негативата, ја подобри реализацијата и играта во одбраната, а тоа резултираше со намалување на негативата само на еден гол, 14:13. Македонскиот шампион за неколку минути игра во вториот дел конечно дојде до посакуваната цел, израмни на 16:16. Од тој момент, сѐ започна од нула. По нерешените 17:17, гостинот со два гола во низа дојде до 19:17.
Сепак, ракометарките на Ѓорче Петров не се предаваа, иако губеа и со три гола разлика, во 43 минута направија пресврт. Кинжварт имаше предност од 22:21, но домаќинките со серија од 3:0 ја презедоа иницијативата на теренот и во 45 минута имаа предност од 24:22.
Во моментите кога се „кршеше“ резултатот, голови постигнуваа Ангела Јанкуловска и Емилијана Ризоска, двете ракометарки знаеа како да одработат и да дојдат до реализација. На петнаесетина минути пред крајот, резултатот беше 26:24 во корист за домашниот тим, додека во 50 минута Ѓорче Петров водеше со 28:25. До крајот, избраничките на Симовски осетно ја зголемија разликата, водеа и со пет, 32:27, се разиграа клучните ракометари и гостинките немаа никакви шанси да дојдат до реми.
Најефикасни во Ѓорче Петров со по шест погодоци беа Емилијана Ризоска, Ангела Јанкуловска и Ана Марија Коларовска, четири реализаци запиша Ива Божиноска.