Ѓорче Петров доби јужноамерикански шмек: Бразилска репрезентативка потпиша за шампионот!

Актуелниот шампион на Македонија, Ѓорче Петров, во пресрет на двомечот со шпанскиот Елче од Европскиот Куп, се засили со странска ракометарка.

Станува збор за репрезентативката на Бразил, Талита Алмеида, која ќе биде првиот странски играч во редовите на „лавиците“. Со тоа македонскиот првак ги покажа своите високи амбиции, не само за домашното првенство, туку и на европска сцена.

Бразилката настапува на позицијата десен бек, има 25 години и во македонскиот шампион ќе го има првото интернационално искуство. Доаѓа од Санта Катарина.

Македонскиот тим и бразилската репрезентативка, која играше на Пан Американските игри се договорија на соработка со важност од една и пол година.

Ѓорче Петров во домашниот шампионат има максимален учинок, 14 од 14, додека во Европскиот Куп ќе брка пласман во полуфиналето. Тие се единствениот македонски женски тим што остана во европските натпреварувања сезонава.

Првиот натпревар од четвртфиналниот двомеч против Елче е закажан за 10 март во Шпанија, додека реваншот за 17 март во Автокоманда.