Шампионот Ѓорче Петров откако пред два дена му даде 56 гола на Шампион, ја запиша втората лесна победа во Женската лига и славеше против Деспина со 30 погодоци разлика, 43-13.
Тренерот Симе Симовски со комбиниран ростер и со 12 ракометарки реши да настапи на овој дуел, но тоа не беше пречка победата да биде обезбедена уште по првите десетина минути.
„Лавиците“ поведоа со 5-1, потоа беше и 10-2 и јасно беше каков тек ќе има овој натпревар. На паузата беше 19-6 за домаќинките, а во вториот дел разликата само растеше со лесни погодоци.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Ризоска со десет, како и Коларовска и Дамјановска, кои стрелаа по шест пати. Во составот на Деспина се истакна Конеска со пет погодоци.