Актуелниот шампион Ѓорче Петров во натпревар од 6. коло од Женската лига не се ни испоти против Шампион и триумфираше со 66:11 (34:5).
Ѓорчепетровки одиграа како на тренинг и секоја грешка на ривалот ја казнуваа, па така на овој натпревар немаше ни Р од ракомет. Овој резултат доволно зборува на кое ниво е женскиот клупски ракомет во Македонија.
Сите ракометарки од Ѓорче Петров, освен голманките, се запишаа во листата на стрелци. Најефикасна беше Санкон Кадиату со 14 гола, а ја следеа Ана Марија Коларовска и Емилијана Ризоска, двете ракометарки имаа по десет реализации.
Во таборот на Шампион, кој за овој натпревар имаше пријавено 10 ракометарки, најмногу се истакна Марија Бојковска, која зад своето име запиша шест погодоци.
Ѓорче Петров, кој беше елиминиран во Лигата на Европа, за следен ривал во Женската лига го има тимот на Деспина.