Македонскиот шампион Ѓорче Петров ја продолжи низата без пораз во Женската лига, откако славеше над Деспина со убедливи 34-20.
Во натпреварот од 18 коло во единствената женска конкуренција, прилепчанки храбро му парираа на домаќинот и имаа реми по дваесетина минути, 8-8.
Но тогаш влегоа во црна дупка и на теренот играше само еден тим. Ѓорчепетровки не примија гол десетина минути, а беа прецизни седум пати во противничкиот гол и го решија прашањето околу победникот уште до паузата, 15-8.
Второто полувреме беше само формално одработување на задачата, а тренерот Симе Симовски им даде шанса на сите ракометарки да играат на овој натпревар.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Талита Алмеида со шест гола, како и Анастасија Николовска и Катарина Танасковиќ со по четири погодоци, додека кај Деспина доминираа Сања Цветкоска со шест и Мери Гичева со пет гола.
Ѓорче Петров сега има 52 бода на првата позиција на табелата, а по репрезентативната пауза ќе игра на домашен терен против составот на Куманово.