Ѓорче Петров 2 им се врати на победите – се радуваше против Деспина

По поразот на домашен терен од Атлетик, екипата на Ѓорче Петров 2 се врати на победите во Првата женска лига.

Домаќинките славеа против Деспина со 27-20, иако и прилепчанки имаа свои моменти на гостувањето во Скопје.

Поведоа младите „лавици“ со 5-1, имаа и 8-4, но на стартот на второто полувреме искусната Гичева со два гола по ред донесе реми, 11-11.

Но тоа како да ги налути домашните ракометарки, кои со серија од пет гола се одлепија на 16-11 и до крајот одработија рутински.

Најдобри во победничкиот состав беа Цветановска со шест, како и Камара и Димоска со по пет гола, додека кај Деспина се истакна Гичева со осум погодоци.

На табелата, Атлетик е прв со 16 бода и меч помалку, додека Ѓорче Петров 2 е втор со 14 бодови.