Ракометарките на Ѓорче Петров имаа убедливо издание на финалниот натпревар на домашниот „Ѓорче Куп 2024“ и го совладаа српскиот Напредак Крушеваец со 42-28 во битката за трофеј.
По нерешените 3-3, „лавиците“ си го фатија редот, поведоа со 7-3, а до паузата имаа и десет гола позитива. Во второто полувреме не му дадоа ниту најмала шанса на противникот и уште повеќе го полнеа гостинскиот гол за победа од 14 голови разлика.
Најдобри стрелци во редовите на македонскиот шампион беа Ивана Дежиќ и Есма Муратовиќ со по седум погодоци, додека по пет пати стрелаа Емилијана Ризоска и Ана Вранчиќ. Во составот на Напредак Крушевац се истакнаа Катарина Радовиќ со осум гола и Оља Николиќ со седум.
Овие партии на Ѓорче Петров се одлична увертира за стартот на сезоната во Женската лига и меѓународните настапи во Лигата на Европа, најпрво против шведскиот Хорс, а потоа и против францускиот Париз ако избраничките на Симе Симовски ја минат првата европска пречка.
Трето место го освои екипата на Железничар Инџија, која славеше во српскиот двобој против Бор со 30-27, а предводник беше Невена Тодоровски со десет гола.
Петтото место го освои екипата на Чаир, која го совлада составот на Вардар со 32-28, откако и на полувремето девојките на Басри Љатифи имаа плус три 18-15. Вардарки во вториот дел во повеќе наврати стигнаа до минус еден, но немаа сили за комплетен камбек во натпреварот. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Дукоска со осум, односно Галевска и Величковска со по шест гола, додека кај Вардар се истакнаа Миленкоска со седум и Попова со шест погодоци.