Најновото засилување за македонскиот шампион Ѓорче Петров доаѓа од романскиот шампионат, а станува збор за десниот бек Кристина Радаева.
Репрезентативката на Казахстан со руско потекло која има 30 години, имаше одлични партии во дресот на Галаци и му помогна на овој тим да се пласира во елитната конкуренција во Романија.
Радаева претходно кариерата ја градеше во Казахстан во Казигурт, Алтај, Астана, Туран пред да се пресели во Романија.
Со репрезентацијата на Казахстан играше на Мундијалот во Шведска, Норвешка и Данска и постигна 33 погодоци.
Ѓорче Петров досега ги задржа голманката Флавија Габина, Милица Николиќ, Катерина Дамјаноска, Ива Велкова, Емилијана Ризоска, Ева Божиновска и Мила Ѓорѓиевска, како и Санкон Кадиату и Камара Мацире.
Претходно „лавиците“ ги засилија своите редови со голманката Марија Јовановска, левото крило Стефанија Ѓорѓиевска, пивотот Анастасија Трпеска, Бугарката Стефани Петрова, Португалката Шејла Ланга и сестрите Бојана и Борјана Коцеви, како и Теодора Дукоска.