Големо име се повлекува: Хагман кажа „доста е“

Шведската репрезентативка и ракометарка на унгарскиот гигант Ѓер, Натали Хагман, објави дека ќе ја заврши својата професионална кариера по завршувањето на тековната сезона.

Клубот официјално потврди дека искусното десно крило ќе стави крај на долгогодишната кариера, оставајќи значаен белег како на клупско, така и на репрезентативно ниво.

Хагман истакна дека одлуката не е донесена поради некоја конкретна причина, но дека и фали да биде повеќе време во татковината.

„Не би рекла дека целосно се откажувам од ракометот, но повеќе фактори укажуваат дека е време да се посветам на нешто друго. Немам една конкретна причина – долго време живеев во странство и малку ми недостига домот“, изјави шведската ракометарка.

Во дресот на репрезентацијата на Шведска, Хагман освои сребрен медал на Европското првенство во 2010 година, како и бронза во 2014 година, со што се вбројува меѓу најуспешните генерации на националниот тим.