Данскиот клуб Фредериција денеска објави дека ја прекинува соработката со главниот тренер Гудмундур Гудмунсон, кој пристигна во клубот летото 2022 година.
Од управата истакнуваат дека одлуката е донесена поради повеќе фактори во подолг временски период.
„Последните три сезони ги имавме најдобрите резултати во историјата на клубот – настап на Ф4 во Купот на Данска, бронза и сребро, како и пласман во Лигата на шампионите и Европската лига оваа сезона. За сето тоа му должиме голема благодарност на Гудмундур, кој засекогаш ќе има посебно место во историјата на клубот,“ стои во соопштението на клубот.
Сепак, од клубот открија дека недостига „искра“ во играта.
„Не сме задоволни од изразот и енергијата во играта. Недостасуваше дополнителна искра и радост во настапите. Со оглед на тоа што составот значително се подмлади со таленти кои треба да станат врвни играчи, сметаме дека е потребен нов тренерски профил“, се вели во соопштението.
До крајот на сезоната екипата ќе ја водат помошник-тренерите Јеспер Хоумарк и Михаел Волесен.