Екипата на Голден Арт на свој терен беше убедливa против Прилеп со 28:18 во натпревар од 13. коло од Супер лигата. Голден Арт натпреварот го реши во вториот дел кога со серија од 7:0 се одлепи на 22:14 и до крајот немаше никакви проблеми против гостите.
Двете екипи за ривали во последното коло ги имаат фаворитите за титулата – Вардар и Еурофарм Пелистер. Голден Арт ќе игра против „црвено-црните“ и за плеј-оф ќе треба да направи сензација над екс првакот, но и Пролет да загуби во дуелот со Бутел Скопје. Прилеп за последен ривал од регуларниот дел од сезоната го има актуелниот шампион.
Поголемиот дел од првото полувреме беше израмнетo, но домаќините беа поконкретни на теренот. Иако гостите поведоа на почетокот, сепак, избраниците на Глигоров кон средината на првиот дел стигнаа до три гола позитива, 6:3. Прилепчани не се откажуваа и со погодоците на Рајатоски и Кастратовиќ го израмнија резултатот на 6:6.
Следуваше период, во кој двете екипи постигнаа по два гола, а пред финишот од полувремето, домаќините повторно ја вратија максималната предност од три позитива. По нерешените 8:8, тимот на Голден Арт поведе со 11:8, предноста од три гола разлика ја сочува скоро до финишот и на пауза имаше активен резултат од 12:10
Ракометарите на Прилеп на почетокот на вториот дел се обидуваа да се вратат во игра, намалија на 15:14, но во тој момент како да подзастанаа и кренаа раце од дуелот, примија дури седум гола во низа и до крајот имаа сериозен заостаток и бркаа голема негатива.
Најефикасен во победничката екипа беше Давид Даев со пет погодоци, по четири постигнаа Тоше Ончев и Христијан Милошески. Кај Прилеп најдобар поединец беше средниот бек Владан Кастратовиќ со пет погодоци.