Гол задник како поздрав за крај на сезоната!

Тимот на Татран Прешов по една сезона пауза ја врати титулата во словачкиот шампионат, но виде голема мака и мораше да игра пет меча во финалната плеј-оф серија против Повашка Бистрица.

Тренерот Павол Јано го однесе тимот и во четвртфиналето на Европскиот Куп, но ќе биде заменет од црногорскиот стратег Ратко Ѓурковиќ.

Сепак црна дамка по завршувањето на петтиот финален натпревар стави конфликтот на Јано со противничкиот стратег Вацлав Штрака, но и покажувањето на гол задник кон противничките навивачи.

„Ривалството меѓу Повашка Бистрица и Татран Прешов е големо. Јас отидов по крајот на мечот кон Штрака да се поздравам, но тој реагираше што сум земал тајм-аут пред крајот на мечот иако резултатот беше веќе познат и мислеше дека тоа е провокација. Но не беше така, само сакав да им дадам на нашите фанови простор да ги поздрават играчите пред официјалната прослава да почне. Тоа е многу нормално надвор од Словачка. Но тој почна да ме навредува и во тој момент мислев дека треба делегатите и претседателот на федерацијата, кои беа околу нас да знаат, па почна кошкањето. Сакам да се извинам и на навивачите на Повашка Бистрица за мојата постапка, иако тие ме навредуваа и ми зборуваа неубави работи за време на целата финална серија“, изјави Јано.

Тој и Штрака беа казнети за своите постапки од словачката федерација.