Ракометарките на Вардар по поразот од Металург Автокоманда се вратија на победничките патеки во Женската лига, иако потешко од очекувањата славеа против Спартак со 39-35.
Предводнички кон трите бода на Вардар беа капитенот Ивона Трпевска со 17 гола и Сара Стефаноска со 11 погодоци. Во составот на Спартак се истакна екс вардарката Ангела Гроздановска со 13 реализации.
Спартак играше одлично во првото полувреме. Тргна со предност од 4-1, а во два наврати имаше и плус шест, 14-8 и 15-9.
Сепак до крајот на полувремето избраничките на Александар Царчев ја преполовија негативата и на пауза Спартак водеше со 20-17.
Како одминуваше времето во вториот дел така вардарки притискаа и по десетина минути игра направија комплетен пресврт, 28-27. Оттогаш падна ритамот на домаќинките, секоја нивна грешка беше казнувана и Вардар се одлепи на плус четири, 34-30.
Во меѓувреме гостинките останаа без Симона Василева, кој за шест минути заработи три исклучувања и црвен картон, па мораше на трибини.
Но и покрај тоа, вардарки рутински одработија во финишот и освоија три планирани бодови во битката за врвот.