Ракометарите на Бутел Скопје прославија важен триумф на гостувањето кај Пролет со 26-23 и направија крупен чекор кон место во плеј-офот меѓу екипите коишто напролет ќе разигруваат за титулата. Избраниците на Горан Кузманоски го надиграа големиот ривал во сите сегменти, и ако се исклучи лошиот старт и негативата од три гола, потоа се беше во знакот на гостинските ракометари. На 12 минути до крајот Бутел водеше и со девет гола, но се опуштија гостите во финишот, па Пролет го направи поразот поднослив.
Филип Николов имаше свое гол-шоу и беше најдобриот стрелец на победничкиот тим со 14 погодоци, а пет гола даде Тодор Узунчев. Голема улога имаше и голманот Благојче Трајкоски со 12 одбрани, кој имаше помош од Александар Стојаноски, кој пак запре три пенали. Во домашниот состав пет гола имаше Томислав Димковски, четири пат стрелаше Давор Палевски, а голманите Златко Даскаловски и Бојан Солев комбинираа 13 интервенции.
Сега Бутел Скопје на табелата има 18 бодови на петтото место, пред шестиот Тиквеш кој има 16 и меч помалк, додека Пролет е се поблиску до плеј-аутот и остана на деветтото место со 12 бодови.
Домаќините отворија одлично и поведоа со 5-2 по десетина минути игра, иако и голманите Трајкоски и Солев имаа свои моменти. Бутел ги консолидира своите редови и за пет минути направи комплетен пресврт, 6-5.

Домаќините предизвикаа два пенали, Николов беше сигурен реализатор и Бутел Скопје во финишот на полувремето отиде на водство од плус три, 10-7, а на паузата беше истата разлика во корист на гостите, 11-8.
На стартот на вториот дел Трајкоски одново беше во елемент, неговите соиграчи ги казнуваа грешки на домашните и Бутел веќе имаше сигурни пет гола предност, 16-11, па стратегот на Пролет, Илиевски, мораше да бара тајм-аут.

Тоа не им помогна на неговите момци, гол-шоуто на Николов и одбраните на Трајкоски продолжија и понатаму, се надоврза и Стојаноски со одбранет пенал, па немаше веќе дилеми околу победникот.
В следното суперлигашко коло кое е последно на програмата за есенскиот дел од сезоната, Бутел Скопје ќе игра дома со „сино-белите“ од Автокоманда, додека Пролет ќе гостува кај Еурофарм Пелистер 2.

























