Екипата на Куманово пред домашната публика го совлада Скопје со 32:26 во натпревар од 3. коло од суперлигашкиот плеј-аут. За Куманово денешната победа е втор триумф во борбата за опстанок и со новите освоени бодови се вклучува во игра за првата позиција на табелата.
Гостинот одлично го стартуваше натпреварот контролирајќи го резултатот во најголемиот дел во првите 30 минути, во кои домаќините не одиграа на ниво и за освојување на посакуваните бодови мораше да го дадат максимумот во второто полувреме.
Избраниците на Оливер Димитриоски во првото полувреме најчесто водеа минимално, со еден до два гола разлика, на четирипати имаа и плус три, во воведниот дел кога се одлепија на 7:4, како и пред финишот на првиот дел кога водеа со 15:12, 16:13 и 17:14.
Домаќините немаа решение за Мишевски, левото крило на Скопје во првото полувреме постигна дури осум погодоци, сите од игра, а своја поддршка имаше од Шокоски и Чакалиќ, кои во првиот дел имаа вкупно седум погодоци.
Куманово наиде на цврста одбрана и никако не можеше да направи камбек. Иако ниту Скопје не играше на ниво, сепак, гостинскиот тим на Димитриоски за нијанса беше подобар и на пауза замина со предност од 17:15.
Ракометарите на Куманово за две-три минути игра во второто полувреме направија пресврт и со три гола во низа го презедоа водството во свои раце, поведоа со 18:17. Од тој момент работите започнаа да се движат во посакуваната насока на домашниот табор.
До 45 минута Куманово водеше со еден до два гола разлика и како одминуваше времето го засилуваше ритамот на игра. Во 47 минута предноста на домаќините беше 26:22 и до крајот гостите не можеа да се изборат барем за бод.
Наум Костов ја предводеше победничката екипа со 14 погодоци, седум додаде Огњен Радојичиќ. Кај Скопје се истакнаа Марио Мишевски со девет и Давор Шокоски со осум погодоци.