Гол шоу на Гетов, Партизан Гевгелија триумфираше против Овче Поле

Ракометарите на Партизан Гевгелија ја запишаа својата петта победа сезонава, откако на домашен терен го совладаа тимот на Овче Поле со 35-33 во натпревар од 13. коло во Првата лига.

Иако гостите во првиот дел во неколку наврати водеа со три-четири гола разлика, домашниот состав токму кога беше најпотребно покажа карактер и направи целосен пресврт. Партизан Гевгелија замина на полувреме со значајни пет плус, 20-15.

Во вториот дел следуваше уште поцврста игра на момците од гевгелискиот тим, кои го контролираа резултатот и постепено ја зголемуваа предноста. Во самата завршница се опуштија, дозволувајќи му на Овче Поле да намали и да избегне повисок пораз.

Најзабележителен во победничкиот тим беше Јован Гетов со дури 12 голови, сите од игра. Горан Лисичков постигна осум погодоци, Мартин Ашовалиев даде пет, а Димитар Атанасов имаше четири. Кај гостите, најдобри поединци беа Илија Димов со осум и Кирил Буровски со шест гола.

Во последното коло од есенскиот дел, Партизан Гевгелија ќе го пречека тимот на Кичево, додека Овче Поле ќе гостува кај Вардар Неготино.