Гојун свесен што го чека во Битола – и пред две сезони тешко игравме со Еурофарм Пелистер

Загреб почна со подготовките за новата сезона, а секако најмногу ќе размислува за мечот со Еурофарм Пелистер, со кој ја отвораат сезоната во Лигата на шампионите.

За капитенот Јаков Гојун оваа сезона најверојатно ќе биде последна во неговата богата кариера. Поминал многу подготовки досега, што на 40-годишна возраст не е нималку лесно, но кај Јаков тоа е „само уште една сезона“.

Капитенот на Загреб, искусниот Јаков Гојун, со доза реализам го коментираше тоа што тимот ќе ја започне сезоната со исклучително тежок натпревар – против Еурофарм Пелистер во Битола.

„Да, веќе на стартот не очекува многу важен натпревар. Сите знаеме каква е Лигата на шампиони и колку е секој тим сериозен во тоа натпреварување. И пред две години игравме тешко во Битола. Минатата сезона Магдебург ја освои титулата, а во групната фаза едвај излезе жив – ние го победивме убедливо во Загреб. Таков Загреб сакаме да видиме и оваа сезона – борбен, цврст и подготвен против секој ривал“

Гојун нагласи дека тимот мора добро да стартува, бидејќи слаб влез во сезоната може да биде кобен.

„Посакувам Загреб кој ќе тргне добро, а не кој по три порази нема да може да се врати до Нова година. Публиката сака да нè гледа во најдобро светло, а тоа се заслужува само со работа, пристап и позитивна енергија“, заврши Гојун.