Гогов: Не е важно колку одбрани ќе имам, важно е Вардар да победува

Вардар загуби во драматичен натпревар од Еурофарм Пелистер со 28-27 во Супер Купот, иако во финишот имаше голем камбек по негативата.

Сепак „црвено-црните“ примија гол во последниот напад на битолчани и мораа да се помират со поразот.

Голманот Васил Гогов ги сподели импресиите по најголемото дерби на македонскиот ракомет.

„Честитки за Еурофарм Пелистер. Тоа е спортот, тоа е ракометот. Се игра до 60 минута. Повторно имавме многу грешки, требаше да играме посмирено, со поголема дисциплина, иако имавме позитивен резултат во првиот дел. Не успеавме да го задржиме и за жал загубивме на крајот“, изјави Гогов.

Tој вели дека не е важно колку одбрани ќе има, туку екипата да победува.

„Без разлика колкава минутажа ќе добијам, секогаш гледам да и помогнам на екипата. Дали тоа ќе биде со една, две или пет одбрани, или пак со бодрење од клупа. Можеби треба да бидам задоволен од моите одбрани, но кога се работи за пораз, особено на вакво дерби не можам да бидам задоволен. Не е важно колку одбрани ќе имам, важно е екипата да победува. Благодарност до нашите навивачи што дојдоа да не поддржат и заедно со нив ќе се бориме да освоиме титула оваа сезона“, заврши Гогов.

Следен предизвик за Вардар ќе биде гостувањето кај Струга во првото коло од Супер лигата.