ГОГ без клучниот играч во Битола против Еурофарм Пелистер?

Дански ГОГ се соочува со тежок период пред гостувањето на 24 септември во Битола, каде што ќе се сретне со македонскиот шампион Еурофарм Пелистер во рамките на третото коло од лигата на шампионите.

Еден од клучните играчи, Оли Митун, можеби нема да настапи поради повреда на рамото што ја доби во саботата против Алборг. Митун беше удрен од Феликс Мелер и веднаш почувствува силна болка.

„Не знам точно колку е сериозно, но чувството е лошо. Нашиот физиотерапевт, направи преглед на рамото и резултатот не изгледаше добро. Се надевам дека нема да биде толку сериозно како што изгледа,“ изјави Митун по натпреварот за ТВ2.

Во првото коло на Лигата на шампионите, ГОГ беше поразен од Барселона со резултат 37-32. Барселона ја контролираше играта уште од првото полувреме и ја задржа предноста до крајот. Еурофарм Пелистер пак победи против Загреб.

ГОГ веќе се соочува со сериозни предизвици поради повреди на други играчи – Фредерик Педерсен има повреда на лактот, Каспер Кел е со тешка повреда на коленото, што ќе го држи надвор од теренот неколку месеци.

Тренерот Каспер Кристенсен истакна дека губењето на неколку клучни играчи создава сериозен проблем за тимот и дека ќе мора да се прилагодат на новите услови за да го издржат густото натпреварувачко темпо.