Десното крило Гоце Георгиевски реши уште една сезона да игра во дресот на Вардар. Двократниот европски првак во иднина ќе го има речиси истиот тим со кој и сезонава сме во игра за шампионската титула, а Гоце Георгиевски дава сериозен придонесе во тоа.
Тој со екипата на Вардар беше и шампион на Македонија, го освои и Купот и Супер купот, играше и во Лигата на шампионите, и претставува легенда на македонскиот ракомет.
„Знаеме колку значи искуството што го има во себе Гоце, и среќни сме што прифати да биде уште една сезона дел од Вардар. Неговото искуство ќе биде од големо значење за играчите кои доаѓаат на сцената, и кои се повеќе се наметнуваат. Тој е расположен, освен што ќе игра, и да го пренесе своето искуство на помладите колеги. Вардар е веќе стабилизиран, сериозен, и нашите амбции секогаш се победа, и титули. Гоце е се уште гладен за победување, исто како и Вардар и заедно ќе чекориме кон нови победи, изјави Борко Ристовски, Извршниот директор на Вардар.
Клубот работи на новите засилувања, и задржување на играчите кои се дел од клупската визија, за силен тим, на секоја позиција.
До последното коло сезонава Вардар ќе биде во игра за титулата, а повеќе од сигурно е дека ќе има подобар пласман во однос на лани.